Млечна формула – храна за вашето бебе

од  |  0 коментари

Како мајка го сакате најдоброто за Вашето бебе уште од првиот ден.

Хранењето на Вашето бебе има витално значење за бебето особено во првите неколку месеци , мајчиното млеко во првите шест месеци ги задоволува сите нутритивни потреби и потребите за внесување на течност бидејќи содржи дури 88% вода, па во првите месеци нема потреба на бебето да му додавате дополнителна количина на вода, освен ако педијатарот не ви препорача.

Но, тука се и млечните формули за бебињата кои не се доени или се делумно доени, кои ги снабдуваат со сите важни хранливи материи.

Неколку совети за млечната формула:

Подготвување на млечна формула

  • При подготовка на млечната формула, внимателно следете ги инструкциите на пакувањето. При мешањето важно е водата да има 40 С. Така млекото најдобро се раствара, а истовремено се задржуваат корисните состојки (како што се витамини и пробиотици). Меѓутоа, некои млечни формули бараат и вода со повисока температура.

  • Млечната формула најдобро е секогаш да се припрема непосредно пред оброк бидејќи единствено така можеме да бидеме сосема сигурни дека формулата е беспрекорна.

  • Најдобра млечна формула е онаа која бебето ја прифаќа и со која добро напредува, ако забележите дека на бебето не му одговара млечната формула, заменете ја со друга. Пролив, повраќање, сува кожа со црвенило, нервоза и немир, може да бидат и симптоми на алергија, во тој случај потребно е да се консултирате со педијатар и се препорачува да се употреби специјална млечна формула.

  • Количината која бебињата ја пијат зависи од нивниот апетит и периодот од денот. Овозможете му на вашето бебе да пие онолку колку што му е потребно за да се засити. Наместо да се држите на фиксни количини, дозволете му само да ви покаже кога му е доста. Ако стане немирно за време на хранењето, веројатно е дека сака да прекине со хранење. Ако и откако се ќе испие, продолжува да цица и влече воздух од празното шише, детето уште е гладно.

  • Остатокот од неиспиеното млеко не го чувајте.

Дополнителни совети

  1. Во последните години пластичните шишиња ја заменија употребата на стаклените шишиња бидејќи се попрактични, лесни и некршливи. За разлика од стаклото, пластиката е материјал кој е повеќе осетлив на бактерии па стручните лица предупредуваат дека таквите шишенца треба добро да се одржуваат. Стаклото е постојан материјал така што стаклените шишиња лесно се мијат, стерилизираат и се подолготрајни. Од друга страна, потешки се и постои опасност да се скршат.

  2. Постојат два вида на цуцли: силиконски и гумени
  • Силиконската цуцла е потврда, помалку еластична па детето лесно може да ја прегризе ако има запчиња. Затоа силиконската цуцла се препорачува за бебиња до 6 месеци, односно за периодот пред да им израснат запчиња. Отпорна е на високи температури и лесно се стерилизира во жешка вода или микробранова печка.

  • Гумената е направена од природен каучук, помека е, еластична е и отпорна на гризење. Поради тоа е погодна за малку поголеми деца на кои им растат запчиња и кои можат да ја гризат. Но бидејќи е од природен материјал, на неа лесно се таложат микроорганизми, и треба често да се стерилизира, а со тоа се губи квалитетот.

  1. Измијте го шишето после секоја употреба. Во почетокот шишето ќе го стерилизирате пред секој оброк.

После третиот месец доволно е шишето да се мие со обична вода и сјај. Но миењето треба да биде темелно и да се измијат сите делови на шишето кои се користеле, а не само оние кои се во контакт со млекото.

Бидејќи во млекото лесно се размножуваат бактерии, важно е да се знае дека останатата односно недојадена млечна формула во шишето не смее повторно да се загрева и да му се дава на детето. Остатокот секогаш фрлете го, измијте го шишенцето и подгответе нова, свежа храна.