Гинко Билоба – ефикасен лек од природата
Пред повеќе од триесетина години, во терапијата на пореметувањата на периферната и мозочната циркулација, воведени се во Европа препатати кои содржат екстракт од листот на растението Ginkgo biloba. Денес препаратите со екстракт од гинко спаѓаат меѓу најчестите препишувани природни лекови за пореметувањата на мозочната циркулација.
Гинко има особини да ги „фаќа“ слободните радикали, ја блокира активацијата и адхезијата на леукоцитите и ја спречува пероксидацијата на липидите, која е еден од важните причинители за настанувањето и прогресијата на атеросклерозата. Сето тоа го прави екстрактот од гинко делотворен природен лек против васкуларните заболувања, а посебно против цереброваскуларните заболувања.
Но, се чини дека екстрактот од гинко има и антиканцерогени својства. Антиканцерогениот ефект на гинкото се препишува на неговите антиоксидaтивни својства, односно на способноста да се бори против слободните радикали. Една студија која ја испитувала ефикасноста на гинкото во третманот на некои видови на рак, покажала позитивни и ветувачки резултати.
Научниците од медицинскиот центар од универзитетот во Џорџтаун велат дека сега имаат јасна слика за тоа како екстрактот од листовите од растението гинко билоба го намалува ризикот од агресивен тумор. Во написот објавен во „Anticancer Research“, научниците навеле дека тестирањата на глувци покажале дека со помош на екстрактот од лисјата на гинко пред и по имплантирањето на клетки од рак на дојка и од рак на мозок (глиома) се намалува експресијата на клеточните рецептори поврзани со тие инвазивни тумори.
Тој пад во експресијата на клеточните рецептори го забавил растот на ракот на дојка за 80 %, додека на глувците им е даван екстрактот гинко, а исто така се намалила и големината на туморот на мозок, но само привремено. Гинко билоба е растение, кое најчесто расте во Јапонија, Кореја и Кина од кое се изработуваат особено популарните растителни препарати за кои се верува дека го поттикнуваат помнењето и мозочната циркулација. Во моментов со екстракт од листовите на гинко билоба се лечи Алцхајмеровата болест.