Анксиозност- ”алармен” систем на телото

од  |  0 коментари

Сама по себе анксиозноста не претставува абнормална реакција , туку дел од ‘’наследениот репертоар’’ на човековата природа , таа е сосема нормална реакција. Проблемите со анксиозност настануваат кога личноста е преосетлива и кога незините ‘’алармни системи’’ пребрзо се активираат што допринесува до нивна појава  во сосема погрешно време.

Анксиозното пореметување е најчестиот емоционален проблем на кој подложни се и млади и стари. Може да се развие поради низа на комплексни комбинации на ризик фактори кои вклучуваат лични карактеристики, генетика, случувања и хемиски процеси во организмот. Анксиозните пореметувања успешно се лекуваат.
Поголемиот број на луѓе доживуваат чувство на анксиозност пред некои важни случувања како испит, јавно говорење, презентација на работа , прв состанок …

Кога луѓето доживуваат анксиозност типично чувствуваат вознемиреност, непријатност и напнатост. Анксиозноста во вакви ситуации вообичаено трае кратко. Луѓето природно се чувствуваат анксиозно кога се соочени со некаква закана, опасност или пак кога се под стрес.

Од друга страна , анксиозното пореметување е сериозно емоционално пореметување кое го преплавува лицето со анксиозност и страв кои се хронични, интензивни и можат прогресивно да се влошуваат доколку не се третирани навремено.

Анксиозноста предизвикува напади на паника , опсесивни мисли, кошмари и непрекинати застрашувачки физички симптоми. Некои лица со појава на наксиозно пореметување стануваат дури и ‘’затвореници’’, на сопствениот дом.  Вообичаено , анксиозното пореметување се развива за време на адолесцентното доба или раната младост.

Анксиозното пореметување може да биде категоризирано на неколку различни начини:

* Генерално анксиозно пореметување – се карактеризира со изразена нереалистична загриженост која трае до 6 месеци или подолго, кај возрасните лица се фокусира на теми како здравје , пари или кариера. Покрај хроничната загриженост, присутни се треперење, грчење на мускулите, напнатост во абдоминалниот предел, вртоглавица и зголемена иритабилност.

* Опсесивно- компулсивно пореметување – кај овој тип на анксиозност лицата имаат упорни, повторливи мисли (опсесивни) кои ги одржуваат претерано анксиозни и под чувство на страв. Типични мисли се загриженост околу болести, страв од насилно однесување и сл. Опсесивните мисли можат до водат до креирање на ритуали (компулзии) како миење на раце, повторување на активности или повторување на фрази со цел ослободување од анксиозноста предизвикана од опсесивни мисли.

*Панично пореметување – луѓето со панипчно пореметување патат од сериозни напади на паника без некои очигледни причини. Нападот на паника предизвикува чувство дека лицето ќе се онесвесту, ќе полуди или ќе добие инфаркт и ќе умре.
Се манифестира со силно биење на срцето, болка во градите, гушење, агорофобија (страв дека ќе се добие напад на паника на места од кои е тешко да се избега) затоа и лицата со ваков тип на пореметување често избегнуваат да се движат и посетуваат ваков тип на места.

* Пострауматско стресно пореметување вообичаено се појавува по изложување на лицето на трауматски случувања како доживување на смрт на друга  личност, сексуално злоупотребување, сообраќајна несреќа, изненадна смрт на блиска личност, природна катастрофа и сл. Често лицата со ваков тип на стресно пореметување имаат кошмари и често се навраќаат на трауматското доживување , избегнуваат однесување, места и нешта кои ги асоцираат на трауматското доживување, емоционално се оддалечуваат од другите и чувствуваат психолошка вознемиреност што често се манифестира низ пореметување во спиењето, иритабилност и слаба концентрација.

*Социјална анксиозност (социјална фобија), се карактеризира со екстремна анксиозност поврзана врз проценките на другите . Интензивната анксиозност може да води до избегнување на одредени ситуации и однесувања. Физичките манифестации поврзани со ова пореметување се силно биење на срцето, забрзано дишење, црвенило и потење.

*Специфични фобии – лицата со специфични фобии патат од интензивен страв од специфични ситуации или објекти (затворен или отворен простор, височина, лифтови,  длабочина, пајаци, кучиња итн). Изразениот страв е неадекватен во однос на ситуацијата и личноста ја препознава како ирационална. Специфичните фобии можат да доведат до избегнување на вообичаени секојдневни ситуации.

Дали и вие се соочувате со проблеми од ваков тип?