Дали со избегнувањето на конфликти ќе имаме ”мир во домот”?

од  |  0 коментари

Во секојдневниот говор, кога зборуваме за конфликт најчесто му придаваме негативна конотација, односно најчесто се фокусираме на прашањето како да избегнеме конфликти во приватното и работното окружување. Претпоставуваме дека конфликтот има загарантирана негативна конотација со деструктивни последици.
Во тоа секако дека има вистина, но резултатот на некој конфликт може да биде и позитивен.
Како потсетник на ова се користи терминот ”корисна кавга”.

Зошто избегнуваме конфликти?
Постојат различни причини зошто конфликтите се избегнуваат. Кај многумина се појавува анксиозност при самата помисла на конфликт. Многу од луѓето чувствуваат неадекватност и изразена срамежливост кога ќе се наидат пред одредена конфликтна ситуација.
Одредени поединци пак, се преосетливи на негативни критики. Други не гледаат никаква добрина во конфликтот сметајќи дека ситуацијата може само да се влоши доколку се посветува време на конфликтот.

Една од причините поради кои се плашиме од конфликти е непредвидливиот резултат. Дури и со свесноста дека конфликтот сам по себе не мора да биде лош, сепак постои страв дека може да не доведе до потешка ситуација.
Во тој случај помагаат пароли од типот ”ќе помине само од себе”, ”било што било”, ”подобро да премолчам”.
Меѓутоа важно е да се нагласи дека со избегнувањето на потенцијалните лоши крајни резултати ги избегнуваме и потенцијалните добри. Во тој случај, иако парадоксално, со избегнувањето на конфликти правиме конфликти.
Кога ќе погледнеме од друга перспектива, конфликтот сам по себе не претставува проблем, неразрешениот конфликт е проблем. Конфликтот е резултат на разлики, а не причина за нивната појава.

Вештина и  “контра вештина”

Да не забораваме дека избегнувањето на конфликтот само по себе не е ниту добро ниту лошо туку зависи од целта што со самата постапка сакаме да ја постигнеме. Во одредени ситуации избегнувањето на конфликтот е вештина која придонесува за понатамошен развој на односите. Но таа исто така може да биде и контра- вештина и тоа во оние ситуации кога конфликтите континуирано се избегнуваат а со тоа го запираат и развојот на односите.
Причината за изразеното и континуирано избегнување на конфликти лежи во различни причинители.
Од една страна можеме да говориме за личност која генерално избегнува конфликти. Се работи за личности кои се изразито срамежливи и анксиозни во сите свои нови и непознати животни ситуации, имаат преголем страв од критика, отфрлање и понижување, а со ниската самодоверба постои и  зголемена осетливост во односот на сопственото однесување. Емоциите кои се постојано присутни се страв и чувство на збунетост, тага и лутина. Се колебаат помеѓу потребата за љубов и стравот од одбивање.Вложуваат големи напори за да избегнат конфликт од секаков тип. Основната карактеристика на ваквиот тип на луѓе е претераната фокусираност за избегнување на болката, што самото по себе доведува до избегнување на искуството на задоволство.

Покрај тоа, постои и ”зависен тип на личност”. Ваков тип на личност станува исклучително анксиозна во ново настанати ситуации и односи. Раздвоеноста и границите во односот прават овие лица да се чувствуваат ”преплавено со емоции” и непријатно.
Со тоа се појавува потреба личноста да се потчинува и да избегнува секаков можен конфликт и исфрлање на агресијата што овој однос го прави дисфункционален. .

Колку е здраво избегнувањето на конфликти со другите и какви се последиците од тоа?

Преголемата блискост или пак отсуство на секаков тип на конфликт може да креира повеќе конфликти отколку корист, што е и случај во долги врски или пак бракови. Партнерите во одреден период од врската може да започнат да се однесуваат како една личност, започнуваат да мислат во една насока, што кај едниот или двата партнера со текот на времето ќе креира појавува на чувство за губење на сопствениот идентитет.
Секако дека блискоста со партнерот е пожелна но и неопходна за секој подлабок однос, меѓутоа доколку тоа е толку изразено и партнерите ја губат својата индивидуалност, овој однос е доведен до ризик.
Но често, барем на почетокот, партнерите за тоа не се свесни.
Сигурен знак за  отсуството на конфликт во ваков однос е на изглед ”идиличниот однос” помеѓу партнерите.
Не треба да забораваме дека добар и здрав однос не е само непрекинато чувство на хармонија, односно дека во здравиот однос понекогаш доаѓа и до појава на конфликти.

До каде се граничи толеранцијата и како реално да се постават границите?

Проблемите во односите креираат стрес. Пасивноста како реакција на тој стрес, со беспомошно прифаќање на туѓите ставови и избегнување на било какви видови на разговори и потенцијални конфликти креира уште поголем проблем. Одреден степен на критичност и заземање на став е посакуван но не и неопходен.
Многу често се случува личноста која чувствува страв да остане сама останува во дисфункционален однос во кој се соочува со лош однос од партнерот. Кај ваквите лица под површината која може да биде топла и поканувачка се крие личност која себе си се гледа како беспомошна и неспособна за било каква иницијатива. Кога цел живот се учат стратегии за избегнување на конфликти, со текот на времето овие лица стануваат вистински ”мајстори” за избегнување на конфликти. Овие лица ретко ќе се најдат во конфликтна ситуација во приватниот или пак професионалниот живот. Оваа вештина е пожелна и многумина кои ја немаат работат на нејзиниот развој меѓутоа кај ”зависните лица” разбирањето и избегнувањето на конфликтите не е во цел на развојот на здравиот однос, туку во цел на развојот на зависноста и избегнувањето на агресивност во односот.

Што им се советува на ”зависните лица”?

Во фокусот на ова прашање се наоѓа разбирањето и афирмацијата на сопствената личност во една врска и самостојното функционирање. Од клучна важност е кај овие лица да имаат увид во тоа дека само -афирмирањето не е кобно по односот и дека нема да го загрози односот, а што е најважно нема да ги наведе другите во напад. Важно е да се промени перспективата во односот на потчинетост со само-афирмација.
Во психологијата, кога се работи на овој проблем, целта не е потполна трансформација на личноста. Личноста треба да работи на разбирање на своето однесување, мислење и на своите чувства. Потребно е да се развива здрава интеракција со средината која ќе ја охрабрува и зајакнува индивидуалноста. Кога продуктивно сакаме, се сакаме и себе, доколку ги сакаме само другите, тогаш не сме вистински способни да сакаме.

Социо-економските фактори влијаат на зголемување на бројот на оние кои заради мирот во домот никогаш не влегуваат во конфликтни ситуации. 

Избегнувањето на конфликти по цена на губење на идентитетот, живеењето за другите и ”низ другите”, чувството на среќа само кога другите се среќни, често се пораки кои ги испраќа средината /општеството.
Се вредуваат и поттикнуваат потчинувањата кон желбите на оние кои ги сакаме, но во исто време со занемарување на сопствените потреби и на сопствената личност. Жртвувањето за другите и давањето повеќе отколку што се може понекогаш се прикажува како голема  доблест.
Сите овие карактеристики се пожелни во нашата средина.

Да бидете на располагање на другите, да бидете пријатели, родители, партнери… ”рамо за плачење”, секако побарува доста лично вложување и е дел од секој однос.
Меѓутоа многу е важно да работите и на себе и да поставите граници без да дозволите вие како личност да се изгубите во било кој однос.