Меланхолија или тага?

од  |  0 коментари
  • “Меланхолија – да се дише во атмосфера на тага”― Edgar Allan Poe

    Во првата половина на минатиот век, Sigmund Freud напишал дека постои разлика помеѓу тагување и чувство на жал, односно постои разлика помеѓу тагата и меланхолијата. Да, постои разлика помеѓу тагата и депресивноста- која се појавува како патолошка реакција на загубата.

    По губење на саканите кај секој од нас се појавува жал, меѓутоа при загуба на некоја важна личност било да станува збор за смрт, или пак развод или раскинување на врска со партнерот се појавува одредена нерасположеност која ја нерекуваме тага или болка. И нормалната и патолошката  реакција на психолошката болка настануваат како последица на таа загуба.

    Некои лица поминуваат низ процес на нормално жалење, додека пак други се соочуваат со состојба на меланхолија. Во првиот случај кај личноста која реагира нормално на тагата во однос на загубата се појавува чувство на празнина- како целиот свет оддеднаш да станал празен.
    Во вториот случај кај лицата склони на доживување на преголема тага се појавува меланхолија (депресивност), тие добиваат чувство дека нивното ”ЈАС” (Его – личност) е уништено.

    При појава на состојба на меланхолија, највпечатлива карактеристика е незадоволството со сопствената личност врз основа на моралните начела. Овие лица се чувствуваат помалку вредни како личности по загубата, се чувствуваат неморални, лоши , подлегнуваат на сопственото самосожалување, фокусирани се на себе и на сопствените чувства на болка наместо да се фокусираат на соочување со болката и тагата што личноста која им била од голема важност веќе не се наоѓа во нивното окружување.

    Што всушност се случува кај овие лица?

    По загубата, меланхоличната личност на нарцисистички начин се поистоветува со изгубениот објект/личност. Оваа личност неможе да ја прифати загубата , што е во спротивност од нормалната тага. ”Нормалното” тагување подразбира појава на шок и неверување што дошло до загубата, понекогаш и лутина, одрекување дека таа драга личност веќе ја нема, но сето тоа во одредена временска рамка. По одреден временски период личноста која тагува се помирува со фактот дека дошло до загубата и наместо лошиот спомен започнува во себе да ги памети убавите случки и аспектите на личноста која веќе не е покрај неа. Овие лица успеваат споменот на саканата личност да живее во нив и притоа да прифатат дека ја изгубиле и да продолжат со нормалниот тек на нивниот живот.

    Меланхоличните личности не ја прифаќаат загубата на овој начин. Можеме да кажеме дека тие дури и се поистоветуваат со личноста која ја загубиле. Покрај неможноста за прифаќање на загубата исто така е и упорното тежнеење на меланхоличната личност да не се откаже од љубовниот однос и интензивно подлежи на самосожалување. Енергијата која некогаш личноста ја вложувала во своите активности , таа ја повлекува во себе, станува центрирана на себе, на својата болка и на сите негативни чувства кои ги фокусира кон својата личност. Оваа личност чувствува неспособност се гледа себе си како лоша личност, чувствува и лична вина за загубата – се чувствува како главен виновник што дошло до загубата.

    На одреден начин во овој случај, љубовта се заменува со омраза, омраза кон самиот себе и во тој момент настанува вистинската мазохистичка болка и патење која често ја доживуваат меланхолиците.

    Совеста на меланхоликот му упатува порака дека е крив, го насочува на предизвикување на грижа на совест, мачење, самосожалување и долготрајна грижа. Тој во себе чувствува лутина затоа што е напуштен, но наместо таа лутина да ја замени со помирување со фактот дека саканата личност поради некоја одредена причина веќе ја нема во својата близина, сировата лутина и несоодветно интерпретираните чувства ги насочува само кон себе.

    Извор:www.stetoskop.info