Националниот парк Пелистер

од  |  0 коментари

Националниот Парк Пелистер е најстар во Македонија и го стекнал статусот Национален Парк 1948. година.

Пелистер е името на највисокиот врв на Баба планина, а со своите 2601 метар надморска височина, претставува трет највисок планински врв во Република Македонија. Често, името на врвот Пелистер се користи и како име за самата Баба планина и синоним за градот Битола. Паркот се карактеризира со голем број врвови и возвишенија над 2000 метри, меѓу себе раздвоени со длабоки долини. Националниот парк Пелистер е оддалечен 15 км од Битола, 65 км од Охрид и 30 км од Преспанското езеро

Основниот феномен на Паркот претставува петтоигличестиот бор „молика“, реликт од Терциерот и балкански ендемит, автохтон вид кој расте само на неколку планини на Балканскиот полуостров. Висинската амплитуда на распространувањето на моликата на Пелистер е од 600 до над 2200 метри

Од релјефните облици на Пелистер највпечатливи се т.н. камени реки. Тоа се наклони на релјефот исполнети со блокови од карпи со различен состав. Тоа се всушност наклони на релјефот исполнети со дробински материјал, составен од блокови на гранити, долерити, габрови и кварцни шкрилци, натрупани едни врз други, без никаква ориентација. Создадени се во времето кога во највисоките делови на планината владеела снежна клима, со лизгање на блоковскиот материјал по подлогата поради нејзиното наизменично замрзнување и одмрзнување. На одделни места на Пелистер, камените реки сочинуваат низа долга и до 3 км.

Брајчино е малечко село, сместено во подножјето на планината Баба, 6 километри од езерото Преспа, на падините на Националниот парк Пелистер,и го преставува екотуризмот во Преспанскиот регион. Ова автентично македонско село, кое го сочувало своето традиционално обележје, сместено е во туристичката мапа на светот со предзнак ″еколошки туризам″. Брајчино е село кое се наоѓа на надморската висина над 1000 метри, и го вознемирува само шумот на реката и вечерниот ветер, кога ќе зашуми низ гранките на дрвјата. Познато е по богатството на пенливите извори, по бујни зелени шуми, планинските врвови кои воодушевуваат со својата убавина, јаболката кои се одгледуваат на надморската висина над 1000 метри и вкусните јаготки, кои созреваат кон крајот на летото. Селото Брајчино има околу 150 жители и 100 куќи. Голем број на жителите од Брајчино во средината на 20. век се имаат иселено во Канада, Америка, Австралија и скандинавските земји. Сокриено во подножјето на планината Баба, додека од едната страна го освежува пелистерскиот свеж воздух, а од другата страна го грее преспанското сонце, ова село со автентична архитектура и топол пречек од страна на домаќините- од оние кои останаа да живеат тука, по својата положба и природните убавини е навистина нешто единствено и незаборавно. Тоа го препознаваат се побројни туристи од целиот свет, кои тука доаѓаат да го видат спојот на луѓето со културата и природата и да уживаат во убавините на мала и спокојна средина, каде домаќините се грижат за гостите, како за нивните најблиски. Срдечниот контакт со жителите и нивното гостопримство придонесува да боравењето во Брајчино биде единствено искуство. Жителите во селото Брајчино произведуваат разновидна храна за сопствени потреби но и за продажба на пазарот: зеленчукот од градината, месо, млечните производи, мед јаболка, печурки, лековити болки, шумското овошје, речните риби, и риби од преспанското езеро.

Брајчино е идеален спој на активности во природата и на планината, со уживање на езерото. Природната патека која води до Брајчино и до Големото езеро е главна туристичка знаменитост. Ова патека го поврзува Преспанското езеро со националниот пар Пелистер и овозможува набљудување на пејзажот од чија убавина застанува здивот, како запознавање со единствениот билни и животински свет. Пешачењето трае околу 5 до 7 часови, со водич кои е задолжителен за сите посетители кои не го познаваат теренот. Доживувањата при прошетката во шумата се уште побогати со водичот кој го поттикнува знаењето на посетителите за овој величествен регион за дивиот свет на мечките, волците и дивите вепрови.