Што всушност ќе постигнете доколку се одлучите за посета на психолог ?

од  |  0 коментари

Постојат различни перцепции кај луѓето за тоа што всушност може да се постигне со посетата на психолог, дали на тој начин може да се решаваат проблеми и кои проблеми може да се решат.

Некои луѓе не прават разлика помеѓу психолог и психијатар, други пак мислат дека кај психологот се оди за некој вид на пријателски разговор кој често се поистоветува со тоа што отвoрање на ‘’душата’’.

Разговорот со психологот не е исто што е и разговор со пријател

Разговорот со психолог не е пријателски разговор во кој ќе се искажете, исплачете и ќе заминете дома со чувство на леснотија. Психологот е тука да ве сослуша, емпатично и без осудување но неговaта цел не е само да ве сослуша. Она што го карактеризира разговорот со психологот е употребата на прашања со цел утврдување на проблемот поради кој сте дошле, а во исто време да ви даде и насока како тој проблем да го решите. Постојат одредени психотерапијски техники кои се користат во психолошкиот третман и кои претставуваат психолошки алатки за пружање на адекватна помош на луѓето со различни психолошки проблеми. Разговорот со психологот подразбира покрај емпатично и безусловно прифаќање и активна употреба на теоретското и практичното знаење од полето на психологијата.

Психолошкиот третман бара и активно учество

Редовната посета на психологот и решавањето на вашите психолошки проблеми подразбира и ваше активно учество. Не е доволно само уредно да се појавувате на закажаните средби но и лично да се активирате во решавањето на вашите проблеми со помош на советите кои ви ги дава психологот. Психолошките проблеми настануваат како последица на погрешни стратегии за соочување со стресни ситуации. Она што е потребно за да се надминат проблемите е прифаќањето на ефикасни стратегии за нивно решавање, а тоа е она за што впрочем ве учи психологот. Покрај тоа што ве подучува на нови стратегии, тој вам и ве мотивира да бидете ефикасни во нивната примена.

Психологот не ја менува структурата на вашата личност

Психологот не може да ја промени вашата личност. Обично луѓето веруваат дека со посетата на психолог ќе се променат комплетно. Тоа е невозможно затоа што личноста е генетски односно биолошки условена. Она што е можно да се промени е одреденото дисфункционално однесување. На пример, личноста која е по природа затворена и внимателна во својот контакт со луѓето (интровертна личност) не може по психолошкиот третман да стане екстремно отворена и комуникативна но може со помош на одредени социјални вештини да биде ефикасна во комуникацијата со своето социјално окружување.

Психологот не го интересира само вашето минато

Работата со психологот не подразбира ”копање по минатото”. Раните психолошки павци пред се психо анализата му придавале значително големо значење на минатите животни искуства и во нив ги барале причините за решавање на сегашните проблеми. Модерните психотераписки правци меѓу кои се наоѓа и когнитивно- бихејвиоралната терапија се фокусираат на сегашноста, не ги занемаруваат и случувањата од минатото, меѓутоа имааат за цел да ги регистрираат сегашните погрешни механизми на функционирање и да ги изменат со цел надминување на сегашните и идните проблеми.

Психолошкиот третман придонесува кон подобрување и покрај користењето на одредени медикаменти

Некои лица сметаат дека доколку веќе пијат лекови не мораат да одат на посета на психолог затоа што тој нема никаква цел. Покрај вообичаените животни проблеми (проблеми во комуникацијата, љубовните проблеми, проблеми поврзани со донесувањето на одлуки, проблеми со учењето и сл) психолошкиот третман помага во надминување на некои психолошки пореметувања и пред се анксиозни и депресивни пореметувања. Поголемиот број на анксиозни и умерени депресивни пореметувања може да се надминат само со помош на психолошки третман (пред се со помош на когнитивно-бихејвиоралната терапија) без употреба на медикаменти.

Доколку личноста веќе зема одредени лекови се препорачуваат психолошки третмани  затоа што лековите не може да го променат начинот на кој лицето размислува и се однесува и кои се главните фактори за постоењето  на неговите емоционални проблеми.
Кај лицата кои посетуваат психолог може да се менуваат дисфункционалните обрасци на однесување и да се постигне решавање на проблемите кои придонеле да се појави проблемот на прво место.