10 совети за бојадисување на Велигденските јајца

од  |  0 коментари

Велигден е христијански празник со кој се прославува Христовото воскреснување од смртта. Според верувањето, тоа се случило на третиот ден по неговата смрт, вклучувајќи го и денот на смртта, односно првата недела по Големиот петок. Тоа е подвижен празник и се празнува после еврејската Пасха во првата недела после полната месечина, која паѓа на самиот ден на пролетната рамнодневица, или непосредно пред неа. Кај источните Христијани, Велигден најрано може да паѓа на 4. април, а најдоцна до 8. мај, а кај западните Христијани секогаш паѓа помеѓу 22. Март и 25. Април

Почетокот на празнувањето на Велигден и подготвување на јајцата потекнува уште од времето на Марија Магдалена, која при ширењето на евангелието во Рим излегла пред царот Тиберије со зборовите ῎Христос воскресе῎ и му подарила бојадисано јајце. Чукање со јајца и кршењето на лушпата ги симболизира синџирите и преставува почеток на новиот живот.

И денес за овој празник во народот останале многу обичаи, кои посебно ги развеселува децата. Јајцето најмногу се бојадисува со црвена боја ( но се користат и други бои ), се подаруваат јајцата и се чукаме со нив. Православните Христијани на тој ден се поздравуваат со Христос воскреснал – Навистина воскреснал!

А еве и неколку совети како да ги бојадисате Вашите Велигденски јајца:

1. ῎МЕРМЕРНИ ЈАЈЦА῎ – Лушпите од кромид и лук исечкајте на парченца. Навлажнете го јајцето, ставете го во лушпите и смотајте го во алуминиска фолија или во тенка најлон чорапа. Варете го јајцето во тенџере со боја

2. ЛАСТИЧИЊА за тегла врзете ги во сите правци преку јајцето и фарбајте го.

3. ФОРМИ – Исечете поцврста самолеплива трака на помали траки, точки, квадратчиња, триаголници, цветчиња па лепете ги на јајцата. Ставете ги во најлон чорапа и фарбајте ги во боја по Ваша желба.

4. ВРЕЌА – Свиткајте го јајцето во парче мрежеста вреќа од компир, кромид, портокал или лимон, цврсто врзете го со конец и варете ги во боја.

5. ТРАДИЦИЈА – Проверено добри се природните бои за јајца кои се добиваат од лушпите на кромид, цвекло, лист од орев, сок од бос. Можат да се украсат со сличиња но и со билките кои имаат декоративен лист како што се магдонос, детелина … Ако јајцата ги варите во луковината можете да додадете во водата и различни ароматични билки кои даваат убав вкус.

6. МАСЛО – Во помал сад со боја за јајца додадете неколку капки масло. Спуштете ги варените јајца и брзо вртете ги

7. ТРОШКИ – Вареното јајце премачкајте го со лепило и валајте го во шарени декоративни трошки.

8. СВЕТУЛКИ – Со четчето нанесувајте го лепилото на одредените делови на јајцето и валајте го во сребрени светулки.

9. КРЕП ХАРТИЈА – Исечете креп хартија по можност темни бои и исечете ги во тенки или долги траки. Во нив мотајте го вареното и се уште жешко јајце и внимателно спуштете го во сад со студена вода во која е ставена една лажица киселина, за да хартијата добро се залепи. Извадете го јајцето и оставете го да се исуши, но не треба да чекате хартија потполно да се стегни. Најдобро е да користете повеќе нијанси одеднаш, црвена, жолта, сина, зелена … затоа што се добиваат не секојдневни шари.

10. БРЗО И ЛЕСНО – Во кеса за ладилник турете неколку капки прехрамбена течна боја, може и повеќе нијанси во исто време, ставете варено јајце во кеса и тапкајте го додека не добиете посакувана боја или мотив.