Колку  ЈАС вредам?

од  |  0 коментари

Поголемиот број на луѓе често се вреднуваат себе си и се прашуваат: ”колку ЈАС вистински вредам”?

Вреднувањето во класичната смисла на зборот, се базира на споредувањето со другите. Споредувањето секогаш се одвива во рамките на некои критериуми. На пример луѓето често се споредуваат со другите во поглед на тоа колку атрактивно изгледаат, колку пари имаат, каков им е статусот во општеството, колку се успешни во нешто, колку познаници имаат, дали им е убав партнерот/ партнерката и сл. Тоа се типични критериуми кои луѓето ги користат со цел да се вреднуваат себе си.

Кој е проблемот во ваквиот начин на вреднување?

Проблемот е во тоа што таквиот начин на само – вреднување влијае врз самодовербата на личноста и прави таа да се чувствува неисполнета, незадоволна и со помала вредност. Опишаните критериуми за споредување и само вреднување се натпреварувачки затоа што се темелат на правење на споредби кој има повеќе, кој е поуспешен и сл. Тој  е погрешен начин на размислување поради живеење во капиталистички тип на општество кој несвесно ја следи филозофијата на натпревар со другите и вреднување на нештата, на другите или на себе врз основа на тоа колку имаат или немаат нешто. Овој пристап води кон депресивно чувство и разочараност во поголем или помал интензитет.

Која е алтернативата на ова?

Прво многу е важно за секој еден човек да знае дека има голема вредност без разлика колку е убав, паметен, и колку пари има. Сите луѓе вредат и треба да постојат без разлика на индивидуалните и социјалните разлики. Сите луѓе вредат без разлика колку некои се посупериорни во нешто. Во секој случај никој не е супериорен во секоја област.
Секој поединец е вреден и заслужува да постои и е вреден- тоа е сечие природно право.
Кој на кого му е вреден зависи од самиот проценувач.
Колку сум им вреден на најблиските?
Колку сум им вреден на своите пријатели?
Колку сум му вреден на случајните минувачи на улица?
Сигурно на сите не им сме вредни подеднакво!

Ние вредиме во различен степен за некого затоа што нашата вредност за некого е работа која е дел од нивната субјективна процена и нивната мотивација (тоа дали имаат некоја корист од мене). Што тоа зборува за нас и нашата вредност. Па – ништо!
Затоа немојте да ги базирате своите вреднувања врз основа на тоа како вам ве вреднуваат другите.
Колку си вредам сам на себе?

За себе  вредам најмногу затоа што тоа ми е се што имам и тоа треба да го поделам со другите.

Вреднувајте  ги само своите постапки.

Ова е многу важно правило. Никогаш не вреднувајте ја својата личност туку само своите постапки. Личноста, односно тоа што го нарекуваме ЈАС е нешто апстрактно, тоа е само идеја, генерализација која не постои во реалноста. Идеата дека дека ние сме некоја целосна заокружена и непроменлива личност е само илузија затоа што ние постојано се менуваме. Ако се вреднувате себе наместо своето однесување вие правите голема грешка на претерана генерализација и ја пропуштате можноста да го идентификувате и промените точно она однесување кое можете но и треба да го промените.

Дали треба да се убедуваме себе дека вредиме?

Не треба себе да се убедувате за нешто што е очигледно. Вредите како и секои човечко битие, ни помалку, ни повеќе и затоа откажете се од споредување и вреднување. Бидете она што сте без разлика  дали тоа некому му се допаѓа или не. Што и да правите секогаш ќе постојат индивидуи на кои ќе им се допаѓате или нема да им се допаѓате.

Не трудете се никого да фасцинирате само правете го  од срце тоа што го сакате и тоа што ве исполнува. Исполнувањето секогаш доаѓа од внатре , не однадвор.

Дали тоа значи дека не треба да вреднувам ништо? – Не!
Секогаш вреднувајте го своето однесување!

Како да го вреднуваме своето однесување?

Запрашајте се себе дали тоа што го правите ќе ви користи или ќе ви штети?
Дали тоа што го правите ќе ви помогне при постигнувањето на вашите цели или не?
Дали тоа што го правите е во слад со вашиот морално- вредносен систем и визијата за животот кој го посакувате?
Како тоа што го правите влијае врз другите?
Мислете и на другите, бидете емпатични, не мислете само на себе и на своите цели.

Како е корисно да го вреднувате своето однесување?

Доколку вистински сакате да се вреднувате себе на корисен начин, пробајте тоа да го направите на следниот начин. Постои еден добар критериум врз чија основа можете да го направите тоа. Кој е тој критериум? Вреднувајте се себе онолку колку што им помагате на другите.

Запрашајте се колку им давате на другите, колку принесувате за средината, за своите пријатели, за своите колеги, за своето семејство, клиенти, соседи, општеството? Колку она што го работите и правите придонесува другите да се чувствуваат добро? Колку вашата работа им користи на другите, на семејството, на децата, на клиентите?

Направете споредба со себе, не со другите.
Запрашајте се дали сте напредувале во својот однос за разлика од порано?
Дали се развивате или не?
Дали учите нови нешта?
Дали се менувате на подобро или не?
Дали се прилагодувате на промените или пак тврдоглаво им се спротивставувате?

Колку од овие прашања се со позитивен одговор?

 

Извор: Мој психолог