Дали вистински ги слушате другите?

од  |  0 коментари

Луѓето константно се наоѓаат во некаков тип на комуникација. Невербалните знакови често помалку се препознаваат од вербалните. Но и во директна вербална комуникација, многумина не се во состојба да ја слушнат нашата порака на вистинскиот начин.

Постојат неколку основни причини поради кои некои луѓе не се добри слушатели- едни се презафатени сами со себе, други брзаат да кажат што имаат, а трети пак не се заинтересирани за соговорникот.
Но сепак многу е чест случајот луѓето да сакаат да слушаат но не се доволно фокусирани на пораката, им се одзема вниманието, не умеат да го одвојат битното од небитното, не умат да ги постават информациите во поширок контекст па затоа и вистинската порака не ја слушаат.
Постојат свесни и несвесни фактори кои го одземаат вниманието од слушањето. Доколку несвесниот дел од нас не е спремен за одредени информации ќе тежнее низ одредени одбрамбени механизми да ги искриви и изобличи информациите за да го слуша она што му одговара. Во овие случаи ништо не може да помогне ниту пак фокусирање на вниманието.

На пример, доколку за некој проблем слушаме од соговорник кој го доживуваме како насилна личност, лесно ќе донесеме заклучок и ќе го чуеме тоа дека тој го предизвикал проблемот.
Силните емоции често се причина за донесување на заклучоци и неадекватно толкување на информациите.
Во блиски врски (пријателски и емотивни) чувствата може да се пречка на објективноста. Мајката која смета дека нејзиниот стил на воспитување е од исклучително големо значење за доброто на детето, може да биде лута доколку детето не ја послуша, да не биде во состојба да ги слушне неговите аргументи, желби и причини.
Без разлика дали детската перспектива е правилна или не, идеата дека родителите не го слушаат,  кај детето може да води кон појава на бунтовност или пак преголема ‘’потчинетост ‘’,а двата типа на реакции може да доведат по појава на понатамошни проблеми.

Многу парови кога се во романтична врска прават една многу голема грешка во слушањето: ‘’ги читаат мислите на партнерот’’ мислејќи дека ја знаат пораката уште пред да ја чујат и веднаш донесуваат заклучок (најчесто станува збор за негативни заклучоци и тие се донесуваат уште пред партнерот да има можност во целост да ги пренесе информациите/пораките од типот ‘’Знам со тоа што мислиш да ми кажеш’’. Други пак ги персонализираат информациите (различно ги доживуваат информациите (пр: ‘’ твоето смеење во оваа ситуација значи дека ме исмеваш’’)

Како слушатели неретко не сме добри во оваа улога затоа што пораката може да не е доволно јасна.
Луѓето често не сакаат да побараат дополнително објаснување за нештата. Поединци сметаат дека доколку не се разбираат со другите без употреба на малку зборови нивниот однос мора да е во лоша состојба. Други веруваат дека барањето на објаснување укажува на тоа дека не слушале добро. Исто така во некои ситуации може да дојде и дои појава на лутина кај соговорникот кога истиот ќе се замоли да ја појасни пораката која се обидува да ја пренесе. На овие начини комуникацијата често доаѓа во ќор сокак а недоволното разбирање создавата проблеми кои понатамошно се комплицираат доколку не се воспостави добра комуникација.

Од стилот на слушање зависи колку добро слушаме, разбираме како и каков впечаток оставаме. Постојат неколку стилови кои доведуваат до недоразбирање како:

–   нестрплив – не може да го сослуша соговорникот затоа што нестрпливо чека да каже што тој има;

–   несигурен – поради контролата на впечатокот кој сака да го остави на другите ова лице не се фокусира да слуша што другите имаат да кажат;

–   ‘’читачи на мисли’’ – лица фокусирани на лични претпоставки за крајните резултати. Во ваквиот случај најчесто се занемарува пораката на разговорот;

–   критичари – во текот на слушањето, често обрнуваат внимание на недоследноста за потоа со своето знаење да ви објаснат каде грешите;

–   песимисти – ги паметат само негативните делови на пораката со цел истата да ја вклопат во својот негативен свет;

–   оптимисти – наместо да покажат емпатија, нудат свои позитивни перспективи на нештата наместо да слушнат што вие имате да им кажете;

–   ”забавувачи” – бараат недоследност во пораката со цел да направат некоја шега а со тоа соговорникот да го остават недоискажан и несфатен;

–   ”безвредни” – лица со лоша самодоверба, кои поради чувството на лична безвредност не се фокусирани на соговорникот поради тоа што имаат убедување дека се помалку вредни и не се во состојба да водат разговор со него.

Дали се пронајдовте себе во некоја од наведените ситуации?
Ви препорачуваме да започнете активно да слушате!