„Сè што премолчавме“ – Марк Леви

од  |  0 коментари

levy_205-free-of-rights_recadre

Односот меѓу родителите и децата е секогаш интересна тема за читање особено затоа што многу често се пронаоѓаме во сите тие емотивни приказни и сплетки. Иако главните ликови се татко и ќерка кои добиваат неверојатна шанса да ја поправат својата врска и грешките од минатото, мислам дека со книгава ќе се поврзе секој кој изгубил драга личност и посакувал да има барем момент плус за збогување.

30-годишната Џулија добива повик од личниот секретар на нејзиниот татко од кој нема слушнато година дена, се наоѓа во продавница за венчаници и се спрема за нејзината свадба. Но повикот е малку поинаков од оној што го очекува, нејзиниот татко Ентони Волш, не само што нема да присуствува на нејзината свадба туку пронашол и совршен изговор – мртов е! Па така, наместо свадба и патување, Џулија викендот го поминува депресивна, осамена и гневна благодарение на долгите години поминати во караници и несогласувања со нејзиниот татко и фактот дека никогаш вистински не го запознала. Но, наскоро дознава дека иако е можеби тажна и лута, сепак нема да биде осамена. Џулија добива огромна пратка, а во кутијата, последното нешто што некогаш би го очекувала.

Можноста да го врати изгубеното време, шансата да се надоместат сите изгубени моменти и сите пропуштени разговори и совети е пред неа и тоа на најневозможниот начин кој постои. Џулија добива подарок, изненадување, можеби дури и некој вид казна, 6 дена кои ќе ѝ го променат животот, 6 дена кои засекогаш ќе го променат сеќавањето за нејзиниот починат татко. Патувањето на кое ќе ја одведе, љубовта која за првпат вистински ќе ја почувствува и тајната која конечно ќе биде откриена, ја прават оваа приказна вистински емоционален ролеркостер – забавен, непредвидлив и потресен од момент во момент.

Ние луѓето знаеме да бидеме премногу гневни, премногу огорчени и разочарани и неверојатно е колку знае да ни биде тешко едноставно да разговараме со нашите најблиски. А оваа книга не потсетува токму на тоа, изгубените моменти не се враќаат, неизговорените мисли другите никогаш нема да ги дознаат, а поттиснатите чувства се само фрустрација која постојано расте.

Интересните и  доста зајадливи се разговорите помеѓу Џулија и нејзиниот најдобар пријател Стенли и интелигенцијата, но и суровоста која се чувствува низ коментарите на Ентони. И секако, моментот на изненадување со кој Марк го вовлекува читателот во приказната и го држи внесен во страниците до самиот крај.

Ова е приказна за одлуките и изборите кои мораме да ги направиме, за љубовта за која никогаш не е доцна да се обидеме да ја добиеме назад, за вината која е неизбежна со секој избор што родителите го прават за своите деца и конечно за фактот дека секогаш ќе бидеме нечиви чеда без разлика на тоа каде ќе нè однесе животот.