Вештица -Венко Андоновски

од  |  0 коментари

Кој не ја видел – тој не се родил

кој ја видел а не ја вкусил – тој умрел

кој ја вкусил – тој не куртулил,

оти ќе живее.

Јас, а можеби и Ти!

venko-andonovski

Сигурно би се сложиле со нас, Венко Андоновски е еден од најдобрите македонски писатели, напишал еден  но навистина неверојатен и уникатен роман. Неговата уникатност ја гледаме уште од првата страница на која е напишан насловот на книгата а под неа стои: – Роман во сурова состојба – (Тетратка на еден писател).

Романот е поделен на два дела. Едниот дел, кој е всушност  главната приказна, говори за милион жени кои биле изгорени на клада под обвинение дека се вештици.

Она што навистина го прави посебен овој роман е тоа што низ еден невообичаен стил на пишување се преплетуваат главната приказната а воедно и на еден т.н. разговорен начин самиот актер ви се обраќа лично  вам. Така што добивате чувство дека е тука до вас, дека од некаде скришно ве ,,ѕирка”

Или пак како вие да сте оној кој ја пишува книгата. Вие сте причината за таквиот тек на дејството. И се чувствувате како дел од книгата, како лик, навистина влегувате во тој филм на писателот и ве освојува, ви поставува прашања на кои дури ви остава  и празни редови да одговорите, да ја пополните книгата. Ви задава задачи и додека го правите тоа се чувствувате како да сте внатре во книгата, како да сте дел од тој свет. Не Ви се верува како Ви се обраќа и како знае што всушност чувствувате додека го читате романот. Има моменти кога сте занесени во приказната за вештиците и тој намерно ве прекинува, ви се обраќа за да ве освести да се вратите во реалниот свет. Во стилот на:

,, … И врескаш: роман, роман, роман! Ма немој! Така се пишувало роман! А кој да ти го напише?! Јас? Зошто би ти го напишал, ти разгалено суштество седнато на топло, во соба, во автобус, во трамвај, во чекална, во авион, во тивка библиотека, легнато во топол кревет, со корици во рацете; ти лакомо и незаситно суштество што сака да голта суво злато, а да не ја цени потта на златарот…”

И така книгава ви носи едно ново доживување, ново искуство,досега недоживеано или како што би рекол почитуваниот

Петре М. Андреевски:

,,Книга која со ист восхит (да не речам со ист лезет) може да се чита на сите меридијани… Венко Андоновски во романот “Вештица” ги урива сите стереотипи и со несмалена кондиција испишува антологиски страници, освојувајќи нови белетристички врвови. По завршувањето на некои мои книги, многупати сум останувал рамнодушен, мислејќи дека некој друг ги напишал. За романот “Вештица”, пак, многу повеќе се радував отколку јас да сум го напишал.”